Меѓународно Графичко триенале

Етнолошкиот оддел денес, како составен дел на комплексниот Битолски музеј, своето формирање и развој го доживува од 50-те години на XX век. Во досегашниот развој ова одделение особен интерес пројавува кон истражувањето, проучувањето, собирањето, одржувањето и презентирањето на богатото културното наследство особено од битолскиот регион.

Збирка на народни носии

Територијално народните носии ги опфаќаат селата од брсјачката етнографска целина кои систематски се поделени според етнопределите на кои што припаѓаат: Горни села или Потпелистерски, Битолско Поле, Цапарско Поле, Мариово, Моштенски села, Демир Хисар Железнец и Смилево како Мијачка оаза. Потеклото на носиите е од крајот на XIX век и средината на XX век, каде може да се следи континуитетот на носијата кога кај неа биле застапени сите атрибути и симболични значења и каде се нотира нивното менување и напуштање. Носиите се издвоени на женски, машки и помал дел детски поделени според животната старост и функција. Музејскиот фонд од овој тип музејски предмети изнесува 1500 од кои 40 комплетни.

Збирка на градски носии

Носиите потекнуваат од Битола од крајот на XIX век и почетокот на XX век. Поделени се на женски и машки. Според влијаниата што биле доминанатни во овој период поделени се од типот “Ала Турка” каде преовладуваат ориенталните влијаниа и типот “Ала Франга” каде преовладуваат западно европските влијанија. Посебно место заземаат и предмети кои се развиваат како продолжение на старобалкански влијанија. Фондот од овој тип музејски предмети изнесува 120.

Збирка на килими

Оваа збирка располага со десетина примероци килими кои по својата изработка и орнаментика претставуваат обележје на овој период од градската покуќнина во Битола.

Збирка на ткаенини и текстилни предмети

Фондот од овој тип музејски предмети претставува збир од околу 70 предмети што многу се употребувале во секојдневната и празничната покуќнина: покривки, пердиња, милиња, черги и др.

Збирка на накит и предмети за украсување

Како фонд од 350 предмети, накитот но и предмети како за лично украсување, така и за украсување на облеката се со исклучителна разновидност (селски и градски) и претставуваат одраз на богатата македонска култура.

Збирка на предмети од импорт

Импортираните премети од порцелан, керамика, стакло, мајолика, намештај и музички инструменти, како фонд ја надминуваат бројката од 620. Значајно е да се каже дека овој фонд предмети кој претежно потекнува од средината на XIX и почетокот на XX век, како материјал донесен од повеќето европски градови и ги пополнувал ентериерите на битолските куќи.

   Позначајни изложби :

  • “Музички народни инструменти” 1976 година
  • “Од збирките на битолскиот музеј” 1989 година
  • “Народниот накит и китењето во Македонија” 1985
  • “Импортот во Битола” 1996 година
  • “Од трезорите на Битолскиот музеј” 1998 година
  • “Резба вчера и денес” 2002 година
  • “Етнокултурата на Битолската чаршија” 2003 година
  • “Традиционални костуми на етникумите” 2003 година
  • Изложба “Битието, духовноста и културното жувеење во Битола низ вековите” 2004 год.
  • Постојаната поставка “Ентериер на градскиот амбиент од XIX век” 2004 година.