Меѓународно Графичко триенале

Завод и музеј Битола - денес

Со одлука на Владата на Република Македонија за утврдување на мрежата на национални установи од областа на културата (Службен весник на РМ број: 84/2003), Заводот за заштита на спомениците на културата, музеј и галерија Битола доби статус на национална установа од областа на културата и се преименува во Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, односно Завод и музеј Битола.

Денес, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Битола, е национална установа од областа на културата чија основна дејност е заштита, систематизација, научна обработка и презентација на културното наследство во Општина Битола.

Својата дејност, програма, цели и задачи, институцијата ги остварува преку секторите за музејска дејност, заштитна дејност и секторот за заеднички служби.

Во установата се вработени 48 лица од кои што 31 лице со висока стручна подготовка.

Заводот и музеј Битола во вршењето на својата дејност ги користи следните објекти: Стара касарна, антички локалитет Хераклеја Линкестис, Уметничка галерија (Јени џамија), Ајдар Кади џамија, Спомен куќа Гоце Делчев, Спомен куќа Стеван Наумов Стив, Магазата на ул. “27-ми Март”.

Имајќи во вид дека Заводот и музеј Битола е комплексна установа која што во овој интегриран облик дејствува од 1976 година, покрај музејската, ќе дадеме осврт и на заштитната дејност.