ПОСТОЈАНИ МУЗЕЈСКИ ПОСТАВКИ
Седиштето на Заводот и музеј Битола е Старата касарна која што е регистриран споменик на културата. Зградата, според Тефик Беј, е изградена во 1848 година со основна намена за Воена гимназија, Идадие или Средно воено училиште и како таква работела од 1848 до 1900 година. Од 1900 1909 година работела како Воена академија Харабие, за од 1909 година до Балканските војни повторно да биде Средно воено училиште. По Балканските војни до 1974 година објектот бил користен за воени цели.
Со познатите интеграциски процеси Народниот музеј Битола во 1976 година ги растура своите стални музејски поставки и со целокупниот музејски материјал и фондови се преселува во зградата на Старата битолска касарна “Стив Наумов”, во објект кој во тој период со простор од над 6000 м2 со својата руинираност не даваше можности за музејско презентирање, односно поставување на постојани музејски поставки. Поради тоа следеше период кога музејската презентација стагнира цели 15 години, чекајќи го завршувањето на адаптацијата и реконструкцијата на просторот се до 1992 година кога во простор од 4000 метри квадратни се овозможија услови за реализација на постојани музејски поставки.
Во овој период се изготвуваат неколку елаборати, синописи за една комплексна постојана музејска поставка во која преку природата и крајот, археологијата, историјата, етнологијата, историјата на уметноста и современата уметност, Битола ќе биде прикажана од најстарите времиња до денес