ЗАШТИТНА ДЕЈНОСТ
Брзата урбанизација, донесувањето на нови урбанистички планови за градот како и веќе започнатата инвестициска изградба на значајни објекти како што се РЕК Битола и ХМС Стрежево, налагаа и се уште налагаат итна потреба за брзи интервенции и активности за евиденција, документација валоризација и заштита не само на градителското наследство, руралните целини, археолошките локалитети, туку и за се што беше загрозено.
Од тие акции беа изготвени студии и елаборати со комплетна евиденција и валоризација и пропишан заштитен режим, како и студии за селата Стрежево и Свињиште кои се иселени, а последното и потопено, како и за селата: Паралово, Долно Ореово, Суводол, Биљаник, Врањевци, Рибарци загрозени со работите на ископите на РЕК Битола. Меѓу нив за сочувување на градителското наследство на градот Битола секако е најзначајна, а воедно и прва во Македонија секторската студија “За културното историско наследство на подрачјето од Општината Битола” во 1976 година, која беше една од обврзните студии за изготвување на ДУП на градот.
Изготвувањето на идејниот проект “Проект за Старата битолска чаршија како урбан комплекс од 27 улици со над 600 објекти”, придонесе истата да се сочува и да го има денешниот изглед, што е битен елемент за туристичката понуда не само за градот туку и за Републиката.